Јасмина Лорин, диригентот на „Вива вокс“, очекува дека на вечерашниот концерт, членовите на хорот ќе остварат добар контакт со публиката и оти публиката ќе има можност да ја почувствува нивната позитивна енергија на сцената.
– Задоволство ни е што ќе настапиме на еден ваков престижен фестивал, некои од нас за прв пат се тука, ние кои сме биле и претходно во Охрид сме воодушевени од градот, се надевам дека публиката ќе биде задоволна од нашиот настап, изјави Лорин.
Како што потенцира музичкиот селектор на фестивалот, Гордана Јосифова- Неделковска, вечерашниот концерт ќе биде уште еден во низата настапи за паметење во рамки на овогодинешното издание на фестивалот.
– За пошироката публика, за помладите и оваа година посебна атрактивна музичка понуда и тоа секако на сцената на атрактивниот Антички театар. Ако тоа го докажавме со настапот на атрактивните БОНД, гудачкиот квартет кој направи вистински спектакл, длабоко верувам дека и вечерва ќе се случи истото со настапот на хорската атракција Вива вокс и секако на роденденденот на Охридско лето, 4-ти август, концертот на најголемиот виртуоз, универзалниот Роби Лакатош и неговиот бенд, изјави Јосифова Неделковска.
Хорот „Вива вокс“ од Белград е формиран пред десетина години од група матуранти и нивниот професор по музика, како продолжение на музичка соработка со гимназискиот хор. Хорот сегашното име го доби во 2005 година, а во 2009 година го воведоа битбоксот во нивната изведба, која, заедно со аранжманите на песните од членовите на хорот, формираше единствен звук со кој се прославија низ светот.
Звукот на хорот „Вива вокс“ претрпе многу трансформации, а денес е окарактеризиран по автенитчните „а капела“ интерпретации на поп-рок и алтернативна музика, придружена со битбокс. Обработката на композицијата „Ду Хаст“, на германскиот индустријал-метал бенд „Раммстеин“ стана хит летото 2011 година и им донесе светска популарност за само неколку дена. Откако стана признат од публиката и медиумите, хорот продолжи со нивната популарност во родната Србија, како и во останатиот дел од светот, што, пак резултираше со турнеи во Полска, Чешка, Австрија и многу други земји. Врвот на нивната досегашна кариера е концертот во салата на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк на 14 јануари 2013 г. по повод Православната Нова година. Како единствениот музички состав од овие простори кој настапил во оваа сала, „Вива Вокс“ се придружи кон избираното друштво светските музичари што ја имале таа чест.
На вечерашниот концерт кој започнува од 21 часот, вокалистите на „Вива вокс“, за македонската публика ќе приредат и музичко изненадување.