-Намалувањето на бројот на лебеди на Охридското Езеро се должи на вознемирувањето, на сечењето на трската која е гнездов аријал на лебедот и со намалувањето на ширината и должината на појасот се намалува заштитата на активните гнезда на лебедот. Ако минатата година успеале да гнездат на тој појас, а оваа година се пресече дел од таа трската не останува заштита и истото гнездо не може да биде искористено од истиот лебедов пар, објаснува Душица Илиќ Боева од Македонското лимнолошко друштво.
Со интензивната комерцијализација на крајбрежјето се загрозува природното живеалиште на лебедот и доколку не се промени свеста кај луѓето Охридското Езеро лесно може да остане без еден од најубавите украси, предупредува Илиќ Боева.
– Ако целиот брег се даде под концесија за плажи тогаш ќе имаме консеквенци на живиот свет. Лебедот може да трпи некој притисок, но не до бескрај. Бидејќи тој е добар и упорен летач можеме да се соочиме во еден момент лебедите сосема да го напуштат Охридското Езеро и верувам дека тоа никој не сака да се случи, додава Душица Илиќ Боева.

Со цел да се заштити охридскиот лебед, Секторот за урбанизам и заштита на животната средина при локалната самоуправа, во рамки на годишната програма финансиски го поддржа проектот на Македонското лимнолошко друштво за регистрација на гнездата на лебедите на македонска страна, а се прават напори научните истражувања да бидат проширени и на албанска страна од Охридското Езеро.


Годинава на Охридското Езеро се испилиле само 8 млади лебеди кои оваа недела ќе бидат прстенувани. Секој гнездов пар ќе биде обележан со конкретна боја, а младите со нијанса од истата боја. Тоа се прави со цел да се следи нивното движење во наредните години, со што доколку дојде до миграција науката ќе има конкретни податоци од каде потекнуваат новодојдените птици во одредени региони.












