Најуспешниот македонски кајакар на мирни води, стружанецот Ристо Чуркоски го освои одличното 4. место на регатата за Светското првенство (СП) за ветерани, која се одржа во Бранденбург, Германија.
Во силна конкуренција на повеќе од 300 натпреварувачи од 20 земји, Чуркоски во финалето на трката во дисциплината К1 на 200 метри го освои 7-то место, а потоа во трката К1 на 2.000 метри заврши на одличното 4. место. Тој за само една секунда не успеа да се закити со бронзен медал.
Овој резултат воедно претставува највисок пласман на еден македонски кајакар на мирни води на едно големо натпреварување во оваа конкуренција. Чуркоски во 2010 година направи вистински спортски подвиг, кога ја превесла 90 км долгата патека на Охридско Езеро.
– Благодарение на голем број пријатели на кајак-кану спортот на мирни води, спонзори и донатори, а без никаква помош од Кајакарската федерација на Македонија и Агенцијата за млади и спорт и со вонредно ангажирање да се обезбедат потребните финансиски средства за учество, Чуркоски направи уште еден голем спортски подвиг, гордо и достоинствено бранејќи ги боите на Република Македонија – вели Љупчо Пинтоски, генералниот секретар на кајак- кану клубот Струга.
ohridnews
© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by Ohridnews.com