Американската телевизија Си-Ен-Ен избра пет фудбалски натпревари кои го „промениле светот“, а меѓу нив е и натпреварот меѓу Динамо и Црвена Звезда од 13 мај 1990 г., а требаше да се игра на загрепскиот стадион „Максимир“. Hатпреварот не беше одигран поради инцидентите кои ги предизвикаа навивачите на белградскиот клуб, а многумина ова го сметаат за почеток на војната.

 

Си-Ен-Ен го опишува прекинатиот натпревар во паркот Максимир како вовед во хрватско-српската војна и го опишува славниот „кунг фу“ удар на легендарниот капитен на Динамо, Звонимир Бобан во градите на полицаец којшто, пак, нападна навивач на загребскиот клуб. „Бев подготвен да ризикувам се, својот живот, кариера и се за хрватската цел“ ја пренесува Си-Ен- Ен изјавата на Бобан.

Во текстот се наведува дека навивачите на Црвена Звезда ги предводел Жељко Ражњатовиќ попозната по прекарот Аркан, еден од водачите на српските паравоени сили, кој поголем дел од своите единици ги регрутирал од редовите на навивачката група „Делии“.

Американската телевизиска мрежа наведува дека Меѓународниот суд за воени злосторства на територијата на поранешна југославија во Хаг подигна обвинение против Аркан поради воени злосторства, но беше убиен пред да биде изведен пред судот.

Си-Ен-Ен ја наведува и изјавата на Невен Анџелиќ, автор на книгата „Босна и Херцеговина: Крај на наследството“ , која средбата Динамо -Црвена Звезда го смета за еден од најважните натпревари во историјата на Југославија. „Натпреварот имаше политичка конотација и таа беше јасен знак за доаѓањето на насилствата“, изјави Анџелиќ.

Си-Ен-Ен овој натпревар го смести на четврто место на својата листа.

Ohridnews