Програма за подготовка наменета за деца од 5 и 6 годишна возраст кои сѐ уште не тргнале на училиште, без разлика дали посетуваат или посетувале претшколска установа (градинка) најавува Црвен крст Охрид.  Целта на програмата е да се поттикне радост кон учењето и стекнување на нови знаења, велат од Црвен крст.

Програмата за подготовка на деца за во училиште е осмислена на начин да дечињата преку игра, забава и дружење ја развиваат и јакнат самодовербата. Да стекнуваат вештини важни за успешно извршување на училиштните задачи преку креативни вежби за броење, помнење и концентрација, вежби за размислување, вежби на графомоторика, вежби на фина моторика, вежби за осознавање и разбирање на просторните и временските односи, вежби за говорот и речникот, јазична и математичка писменост, социо-емоционални вежби, вежби за насочување и одржување на вниманието и друго. Вежбите се приспособени на возраста на детето и преку нив детето станува свесно за своите способности, се поддржува да не се откажува при правењето грешки и да има храброст да биде креативно, додаваат.

Планирани се, велат, и најразлични теренски работилници на кои дечињата ќе го запознаат училиштното опкружување и снаоѓање во сообраќајот.

Родителите редовно ќе добиваат информација за напредокот на своето дете и насоки за понатамошна индивидуална работа со детето. Програмата ќе се спроведува во помали групи, во просториите на Црвен крст Охрид, под водство на високо професионални и стручни лица (педагог, психолог), со богато искуство во работа со деца. Предвидени се два термини за реализација на програмата и тоа од 18 до 29 јули и од 3 до 16 август. Секое дете ќе добие сет на потребни материјали за работа, потенцираат.

Повеќе информации како и пријавување заинтересираните може да добијат во просториите на Црвен крст Охрид или на тел. 078 227-433, 070 315-309 или на е-маил [email protected].

OhridNews