„Црвен тепих на хуманоста“ денес во Охрид од 10 до 16 часот. Тепихот е поставен крај Божикната пештера на градскиот плоштад, а симболиката е помагањето како најголема христијанска должност.

Храна се собираше и во текот на изминатите денови, вели Летка Филипова, координатор на Бадниковата поворка.

Втора година по ред Бадниковата поворка на еден поинаков начин му носи радост на градот. Поради пандемијата за разлика од претходните години кога стотици дечиња дефилираа по улиците на Охрид и ја пееја „Венчиот Бог“, оваа година овој ден се одбележува со „Црвен тепих на хуманоста“. Оваа година во нашата Бадникова поворка продефилираа на црвениот тепих социјалните случаи и сите хумани луѓе. Ние ќе доделиме околу 50-тина пакети, доколку имаме повеќе ќе бидат доделени во други градови, додава Филипова.

За разлика од минатите години согласно здравствената криза и падемијата која владее, не се одржува Бадниковата поворка, која традиционално завршуваше на градскиот плоштад каде дечињата добиваа пакетчиња, рече градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, додавајќи дека оваа година секој со своите можности, а секако и самиот тој учествува во собирањето на хуманитарните пакети за се дадат на тие на кои им се најпотребни во овие празнични денови.

Врз основа на тоа колку сме ние хумани, би можеле да помогнеме поединечно, а институционално сепак палката е кај државата. Како Општина во многу наврати и во минатото сме им излегувале во пресрет на социјално загрозените семејства, но и дејностите на Локалната самоуправа се ограничени. Ние како поединци ќе мораме многу повеќе да направиме за сите овие семејства кои се во Охрид. Многу е важно подигнувањето на свеста, а истата се прави исклучиво врз личен пример, акции и работи кои вистински придонесуваат за нивен подобар живот. Во идинина не треба да чекаме да е некој посебен ден или поврзан со некој празник, туку да помага секогаш секој колку што може, рече Пецаков.

Воедно упати повик до сите кои се во можност да го дадат својот придонес за да им се помогне на сите кои немаат можност, да ги поминат убаво празниците кои се пред нас.

Кај нас се имаат обратено досега две лица кои имале проблем со опожарени куќи и претрпеле штети, а кои се реално немоќни да ги санираат истите. Ние, како Локална преку Комисијата за финасии излеговме во пресрет изминатата година, како ќе се постапува понатаму ќе видиме, додаде Пецаков.

Инаку, во Охрид има околу 750 социјални семејства.

Н.С.Ј.