Втора година по ред, Бадниковите поворки на радост коишто вообичаено вклучуваат директно учество на неколку илјади деца, ќе бидат заменети со големи хуманитарни акции.
За жал, пандемиските услови налагаат да се воздржиме од поголемо групирање и на секој можен начин да се потрудиме да го заштитиме здравјето на најмалите и најмилите, информираат од Здружение за возобновување на вистинските православни вредности.
Во Охрид – Црвен тепих на хуманост ќе биде поставен во вторник на 4 јануари на градскиот плоштад од 10:00 до 16:00 часот. Поставен покрај Божикната пештера, со црвениот тепих, симболично ќе ја истакнеме потребата за помош на ближните како наша најголема христијанска должност. Ѕвезди на црвениот тепих, ќе бидат сите наши хумани сограѓани, фирми, организации, здруженија. Собираме исклучиво нерасиплива храна, за и семејствата во немаштија, безгрижно и радосно да го поминат празничинот период, информираат од Здружението.
Додаваат дека Божикната радост, љубов, топлина и добрина во целиот претпразничен период и за време на Бадник и Божик, ќе ги шират во вид на грижа за нашите сограѓани коишто се погодени од кризата и имаат егзистенцијални проблеми.
OhridNews












