Во Центарот за управување со кризи (ЦУК) денеска се одржа координативен состанок со претставници од сите надлежни институции и организации, со цел подобра подготовка и координација за претстојниот зимски период. На состанокот директорот на ЦУК, Мухамед Али, и заменик директорот, Трајче Јовановски, ја истакнаа важноста на навремената координација, комуникација и заедничко делување на сите институции во Системот за управување со кризи.

Се разговараше за состојбата на терен, временските прогнози, состојбата на патиштата и можните појави на свлечишта и одрони, како и за нивото на водостоите на реките и другите критични точки. Се разгледаа и активностите на Црвениот крст поврзани со згрижување и помош на загрозените лица и бездомниците. Целта на состанокот беше зајакнување на координацијата и комуникацијата меѓу сите субјекти во Системот за управување со кризи, за навремено реагирање и преземање на мерки при евентуални ризици и опасности во зимскиот период, велат од ЦУК.

Посебен акцент, додаваат, бил ставен на потребата од навремено известување, користење на бројот 112 за итни повици и размена на оперативни планови меѓу институциите.

ЦУК ќе продолжи со редовно следење на состојбите и со координација на активностите со сите надлежни субјекти, со цел обезбедување навремена и ефикасна реакција во претстојната зима, додаваат.

OhridNews