Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ од Охрид спроведува внатрешна истрага со цел да се утврди евентуалната одговорност на персоналот кој бил на дежурство изминатата ноќ кога во машкиот оддел за тешки форми на физичка попреченостот се случи пожар во кој животот го загуби  51-годишен пациент од струшко Радолишта. Раководството на болницата, како што беше кажано на прес конференцијата што се одржа денеска, има индиции за причините кои го предизвикале пожарот, но се воздржува од секаков коментар додека не заврши официјалната истрага. Инцидентот го евидентирале видео камерите кои биле поставени во оддлението каде има 40-на пациенти со попреченост, а земени се изјави од сведоци и од дежурниот персонал.

– Реномето на оваа болница е градено години наназад, бевме прогласени за болница на годината во 2009 г., а нашата болница е и столб на ниво на Македонија во однос на трауматологијата, ортопедијата, нервохирургијата и физикалната рехабилитација, бидејќи најтешките случаи во земјата се хоспитализирани тука и нас сигурно не ни е во интерес ова што се случи. Ние длабоко жалиме и изразуваме сочувство до семејството на починатиот, но сепак да оставиме судско медицински да заврши истрагата, а како ќе одлучи МВР, а потоа и Министерството за здравство ние сме подготвени да ја прифатиме одговорноста. – изјави Д-р Митко Тилески, директор на специјалната болница „Св. Еразмо“.

Д-р Тилески истакна дека дежурниот персонал реагирал брзо и присебно со што била спречена поголема трагедија затоа што во собата имало уште двајца тешко болни пациенти.

– Во раните утрински часови во нашата болница од страна на персоналот забележан е чад кој доаѓал од собата на пациентот кој е згрижен тука веќе три години. Веднаш се реагирало, забележан е и локализиран оган во предел на перницата каде што лежел пациентот и бил направен обид тој да биде изгаснат, но заради брзината со која пожарот се ширел лицето се здобило со потешки изгореници на главата од кои починало веднаш. Со брза интервенција на персоналот било спречено ширење на огнот во собата во која имало уште двајца пациенти кои се спасени .-објасни Д-р Тилески.

По наредба на истражен судија телото на починатиот е предадено на обдукција, а истрагата треба да го расветли инцидентот кој може да има сериозно влијание на угледот на здравствената установа.

OhridNews

Се самозапалил пациент во болницата Св. Еразмо