Не ризикувајте многу за да добиете малку. Не ризикувајте повеќе отколку што можете да поднесете да изгубите- се пораките кои ги упатува еминентниот проф. Д- р Томас Аиупа, долгогодишен професор на Унивезитетот Висконсин и експерт за управување со ризици од САД.

-Се што правиме содржи ризик да не испадне онака како што ние сме очекувале. За успешно да менаџирате со ризикот треба најпрво да се идентификуваат подрачјата во кои може да се појават одредени проблеми. Процесот на идентификација е многу важен. Кога започнувате одреден бизнис  мора  да имате три планови- песимистички план, реален и оптимистички. Песимистичкиот план е да се предвиди што може да се случи ако работите тргнат во лош правец и што би се презело во тој случај. Целта е да утврдите што евентуално може да произлезе од дадената ситуација, вели професор Аиупа кој додава дека успешното управување со ризиците е основа за успешно работење на секоја компанија.


Она што оставило впечаток кај овој истакнат експерт од областа на управувањето со ризици кај компаниите, е дека во Македонија луѓето напорно работаат и се подготвени да се соочат со поголем ризик во споредба со сопствениците на претпријатија и компании во САД.

– Луѓето овде многу напорно работаат и тоа може да се забележи кога гледате дека продавниците работаат и рано наутро и доцна навечер. Бизнисот во Америка е насочен претежно кон крупниот бизнис, бидејќи малите претпријатија сносат  и поголем ризик, а луѓето во САД не сакаат да се соочат со голем ризик при работењето и затоа се одлучуваат за поголеми компании. Некогаш луѓето беа подготвени да поднесат поголем ризик, но тоа повеќе не е случај, потенцира професор Аиупа.


За основите на преземање на ризици во работењето, финансирањето, ризици кои се преземаат во компетитивниот пазар, како и ризиците поврзани со технолошките промени професор Аиупа ќе говори на семинарот кој во организација на Факултетот за туризам и угостителство ќе се оддржи на 29- ти и 30- ноември.

Предавањата ќе бидат на англиски јазик, а ќе се одржат во просториите на Факултетот за туризам и угостителство. 

Посетителите на предавањето ќе добијат и сертификат за учество на семинарот.

Т. Кувенџиска