Охридската публика синоќа имаше уште една можност да ужива во извонредното стендап шоу „Да болит“ на стендап комичарот Никола Тодороски. Креативниот хумор на Тодороски имаше одличен прием кај публиката која до последно место ја исполни големата сала на „Центарот за култура „Григор Прличев“.
После долго време кризи, тензија и протоколи, огромно задоволство е да се видат толку многу насмеани лица во публика. За самото шоу нема да кажувам ништо, нека каже публиката какво е. Она што многу ме радува е дека има недостиг на билети и за стендап шоуто и за претставите во театарот. – изјави за OhridNews Никола Тодороски.
Шоуто „Да болит“ е дел од македонската турнеја во која уште се и градовите Битола, Скопје, Штип и Струмица, а се планира да биде адаптирано и на англиски јазик за европската турнеја на Никола Тодороски.
Г.М.
















