Младински Центар Охрид на 28 октомври (среда), со почеток во 12:00 часот, ќе ја организира четвртата Конференција за младинско претприемништво под наслов „Да градиш иднина дома.“ Настанот ќе се одржи во просториите на МЦО – Касарна и ќе ги обедини младите луѓе заинтересирани за претприемништво, професионален развој и можностите за градење кариера во родниот град.

Преку личните приказни на панелистите, младите ќе имаат можност одблизу да се запознаат со реалноста на претприемачкиот пат – од првичната идеја и преземањето ризик, до истрајноста, вложувањето и предизвиците со кои се соочува секој што одлучува да изгради нешто свое, велат организаторите.
По панел-дискусијата, посочуваат, предвидена е и информативна работилница за вработливост, во соработка со Бирото за вработување, насочена кон практични информации за можностите за вработување, услугите и поддршката што им се достапни на младите при нивното вклучување на пазарот на трудот.

Со оваа конференција, продолжуваме да создаваме простор за размена на искуства, поврзување на младите со локалната бизнис-заедница и отворање разговор за можностите што постојат за професионална реализација во Охрид, потенцираат од Младински Центар Охрид.
OhridNews











