Утре, во 17 часот, на јавната тревна површина во Центарот за обука на вода, во близина на мостот и Езерската полиција кај Биљанини Извори, во организација на Младинскиот совет Охрид, ќе се оддржи првиот рекреативен турнир ,,ДА ИМ ГИ ВРАТИМЕ ДЕЦАТА НА ИГРИТЕ,,.

– Турнирот кој го организираме во соработка со советникот Томислав Тунтев, има рекреативен карактер, и на него учество ќе земат над 60 ученици од сите основни училишта во општините Охрид и Дебарца. Целта на овој турнир е да се потсетат децата, но и возрасните дека постојат детски игри кои во голема мера можат да го разубават животот на децата, игри кои биле секојдневие и кои им го исполнувале слободното време на најмладите, игри кои одамна не се играат, а дури и се помалку подзаборавени, велат од МСО.

Од страна на Томислав Тунтев, изработена е и брошура во која може да се најдат повеќе од 30 игри кои се играле во минатото, игри кои побудија голем интерес кај пријавените екипи.

На овој турнир, учесниците ќе се натпреваруваат во игрите Долга магарица, Бинек, Џамија, Кини-пантоли, Земјо-земана, Камена с рамена, Народна, Џиздија и Ќоро-пиле. За учесниците обезбедено е освежување и симболични награди, а за менторите благодарници за нивниот ангажман.

OhridNews