Коловозите насекаде се лизгави и со големи остатоци од снег. Поради интензивни врнежи од снег и големи остатоци од снег на коловозите, има воведено забрани за движење на тешките товарни возила на патните правци: М4 Гостивар-Кичево преку Стража; Р409 крак Маврово-Дебар, М4 Струга-г.п. Ќафасан, М2 Крива Паланка-Деве Баир, Тетово-Попова Шапка и на планинскиот превој Плетвар. За патничките возила на овие патни правци се препорачува употреба на зимската опрема. Поради големи остатоци од снег на коловозите и отежнато движење, задолжителна е употреба на зимската опрема за сите видови на возила на патните правци: Градско-Прилеп преку Плетвар, Мак. Брод-Прилеп и Кратово-Пробиштип. Исклучително отежнат сообраќај има на планинските превои Пресека, Буково, Ѓавато и Кула на делницата Велес-Катланово каде сепак нема забрани за движење на возилата, но се препорачува употреба на зимската опрема за сите видови на возила. До сите возачи се препорачува исклучително внимателно возење во отежнати услови за сообраќај, прилагодена брзина на движење на лизгавите коловози. Препорака од АМСМ е да не се патува во текот на вечерните и ноќните часови и патувањето да се одложи за утрешниот ден.
Во Охрид коловозите се чисти и проодни. Од ЈП Комуналец чии мобилни екипи го расчистуваа снегот во текот на целиот вчерашен ден и ноќта, информираат дека расчистен е и патот кој води до село Лакочереј (до училиштето) и село Велгошти. Во вечерниве часови се чистеше и снегот од коловозите кои водат до останатите села- Елшани , Коњско, Рамне, Велестово, Рача.Од јавното претпријатие информираат дека нивните екипите остануваат во мобилна состојба во зависност од временските услови.