Одличната изведба на младите актери аматери од Драмската секција при охридската гимназија Св. Климент Охридски, надополнета со внимателно избраната музика, костими, сценографија, специјални ефекти- ја воодушеви бројната публика која вечерва присуствуваше на премиерната изведба на претставата “ Да се чудиш”.


Динамиката со која се одвиваше дејствието на драмата, исполнето со многу хумор, направи 80- те минути, колку што траеше претставата, да поминат премногу бргу. Љубовта кон актерството и трудот кој младите актери- аматери го вложија изминатите месеци во текот на подготовките, придонесе вечерва публиката со задоволство да ја изгледа претставата. 


За сето тоа, секако, неоспорна е заслугата на раководителот на Драмската секција, професор Ирена Бачиќ, која е сценарист и режисер на претставата.

Т. Кувенџиска
фото: “Емилио”
“Варе”