Трговците на мало бараат измени на условите за продолжување на лиценцата за продажба на алкохолни пијалаци. Тие вчера во Стопанската комора на Македонија побараа да се укине обврската за плаќање надомест за продолжување на лиценцата која е во износ од 0,05 отсто од вкупниот промет на компаниите остварен претходната година. Или пак надоместокот да се пресметува од остварениот вкупен промет на алкохолните пијалаци, а не од вкупниот промет кој се однесува на сите видови стоки, бараат трговците.

-Доколку надоместот за продолжување на лиценцата се пресметува по 0,05 отсто од вкупниот промет на продадени алкохолни пијалаци, како пологично и помалку болно решение, а не од вкупниот промет на трговската фирма, тогаш речиси четири пати би биле помали просечните издатоци по продажен објект за две години, времето потребно за продолжување на лиценцата – рече Митко Митевски од Стопанската комора.

Тие бараат измените на Законот за трговија, кој го регулира ова прашање, да се спроведат во рамки на четвртата фаза од Регулаторната гилотина. Предлогот е веќе доставен до Владата.

Законот за трговија ги обврзува сите трговци на мало што продаваат алкохолни пијалаци да поседуваат лиценца. За добивање на лиценцата, чија важност е две години, треба да платат 20.000 денари, а за секое продолжување 5.000 денари по продажен објект за алкохолни пијалаци ако имаат до три или 15.000 денари за секој ако имаат повеќе и 0,05 отсто од вкупниот промет остварен претходната година.

 Во Македонија има вкупно 13.000 продавници на мало за промет со прехранбени производи. Од нив 4.400 имаат лиценца за продажба на алкохолни пијалаци.

OhridNews