Нашата сограѓанка, Ленче Шиковска Башовска, уште пред неколку децении го започнала своето хоби- да собира народни носии кои потекнуваат од различни краеви од Македонија. Нејзината колекција брои околу триесеттина примероци.  Меѓу нив се наоѓаат и носии стари 200 години кои ги изработиле жени од мавровско- гостиварскиот регион.



–   Од кога се сеќавам за себе, ме привлекуваа боите, шаренилото, боите на цвеќата кои се чести мотиви на носиите. Тоа го примети мојата баба, која ми поклона неколку стари носии. Потоа почнав и самата да откупувам и така да ја зголемувам колекцијата. Сега ми е желба да ја збогатам со носии од  Галичник, Тајмиште, Вевчани. Не ги продавам, затоа што тие се нашето етно благо, кое сакам да го сочувам и за идните генерации да можат да го видат , вели Башовска.


Понесена од љубовта кон рачната изработка, Башовска и самата почнала да изработува делови од носии и сувенири со етно мотиви, кои заедно со старите носии, повеќе пати ги изложувала на саеми за туризам и разни манифестации.

Секој кој ќе ги види се воодушевува од изработката. Особено странските туристи кои дури и не веруваат дека станува збор за рачно изработени примероци, додава Башовска.



Ја радува фактот што дел од сопствениците на охридските угостителски објекти пројавиле интерес за соработка- Башовска да им изработи униформи со етно мотиви кои би ги носел персоналот во рестораните. Интерес има и од страна на фолклорни групи.

Сепак мојата најголема желба останува да имам свој простор во кој ќе го изложам ова етно богатство за да можам да го споделам со што поголем број луѓе, додава Башовска.

Т. Кувенџиска