Со цел зголемување и унапредување на безбедноста на сообраќајот на патиштата во Охрид, во пресрет на новогодишните и божикните празници, од општинскиот Совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, упатуваат апел до сите учесници во сообраќајот за внимателно, дисциплинирано, совесно и одговорно учество во сообраќајот со максимално почитување на сообраќајните правила и прописи.

– Во услови кога во Охрид веќе бележиме зголемената фреквенција на сообраќај, посебно во централното градско подрачје, потребно е дисциплинирано управување на патничките и други моторни возила, почитување на пропишаната брзина на движење, користење на безбедносните појаси, да не се користи мобилниот телефон, а посебно да не се седнува зад воланот под дејство на алкохол или наркотични средства. Неопходно е придржување кон поставената хоризонтална и вертикална сигнализација и внимателност за личната, но и за безбедноста на останатите учесници, потенцира претседателот на општинскиот Совет за безбедност, Стефан Димоски.

Димоски додава дека возачите на моторни возила, посебно младите возачи, треба да ја контролираат брзината на движење, да  ги почитуваат пешаците на сообраќајниците и пешачките премини, и секогаш да им овозможуваат првенство на минување како ранлива категорија учесници. Пешаците, обврзно да ги користат обележаните пешачки премини за безбедно преминување на коловозите на сообраќајниците и кружните крстосници.

– На овај начин, сакаме да придонесеме за унапредување на сообраќајната превенција, да ги намалуваме  ризиците во сообраќајот и можностите за сообраќајни незгоди, да ја подигнеме сообраќајната култура и јавната свест кај сите категории учесници во сообраќајот од потребата за почитување на сообраќајните правила и прописи, вели Димоски.

OhridNews