Во образложението кое до Здравствен дом било испратено од Локалната самоуправа стоело дека не била доставена потребната комплетна документација- доказ за сопственост, идеен проект изработен согласно локалната урбанистичка планска документација и геодетски елаборат.
– Идејниот проект е направен во јули 2008 година. Имаме решение од министерот со кое се потврдува дека таа парцела каде треба да се гради центарот се препишува на ЈЗУ Здравствен дом на користење, уште на почетокот на 2010 година. Подоцна од катастар е побарано таа парцела да се впише и добиен е имотен лист, а имаме и извод од план издаден од градоначалникот. Направивме и геодетски елаборат и целата документација беше навремено доставена, рече Дабески.
Како што кажа директорот на Здравствен дом, локалната урбанистичка планска документација ја изработила фирмата „Полог Проект“ од Гостивар која за изработката наплатила 3.000 евра. Локалната планска документација на седница на совет била изгласана во 2009 година. – Согласно тоа, во 2010 очекував конечно да ни биде издадено одобрението за градба. Наместо тоа, од локалната самоуправа ми кажаа дека идејниот поект отстапувал од предвидената парцела за еден и пол метри квадратни. Како може и покрај ваквиот пропуст советот да ја изгласал локалната планска урбанистичка документација. Грешката во документот очигледно била утврдена после неколку месеци, вели Дабески кој потенцира дека новиот центар е предвидено да се гради со пари од Европската банка за обнова и развој.
– Ако пропадне проектот за изградба на новиот центар ќе бидат оштетени сите граѓани. Во ноември четиричлена делегација од Европската банка за поддршка и развој престојуваше во Охрид и го виде проектот. При тоа ја снимаа локацијата и во мај повторно треба да не посетат, вели Дабески кој најави дека доколку проектот пропадне одговорноста од надлежните ќе ја бара по судски пат.
Како што е предвидено, новиот Здравствен дом треба да преставува Регионален ургентен центар кој би бил модерно уреден и би се протегал на површина од 3.000 метри квадратни.