Александар Далчески 2012-та година ја почна како фудбалер на Охрид 2004, откако “рибарите“ завршија претпоследни во Првата македонска фудбалска лига се преселија еден ранг подолу. Далчески ја напушти екипата на Охрид и премина во редовите на скопски Металург.


Стружанецот Далчески со напорна работа на тренинзите брзо се вклопи во екипата и настапи на десет натпревари притоа постигнувајќи еден погодок во првата полусезона. Првата етапа во првата лига, Металург ја заврши на делба на третата позиција со Напредок.

– Брзо се аклиматизирав во екипата на Металург. Делумно сум задоволен од моите игри сезонава во “зелениот“ дрес, но секогаш има простор за напредок. Третата позиција на табелата и не е толку лоша со оглед на тоа што кикснавме на неколку натпревари пред своите гледачи. Треба да сме задоволни со тоа трето место бидејќи сеуште сме во игра за шампионската титула – потенцираше Далчески.


Металург сезонава ја започна со битолчанецот Ѓорги Христов на клупата. По серијата слаби резултати поранешниот репрезентативец Христов замина, а на негово место дојде Срѓан Захариевски.

– Секоја промена на некој начин е нов почеток. По тренерската смена успеавме да направиме добра резултатски серија. Секој тренер си има свој начин и метод на работа и нормално свои барања во играта. На нас останува тие да ги прифатиме и да одиме напред кон исполнувањето на задачите и целта – посочи Далчески.


Пред екипата од “Железарница“ престои долга и “пеколна“зима. “Зелените“ натпреварите во Купот ги завршија во 1/4 финалето, а новиот стратег на клупата Захариевски ќе има полни раце работа за да го симнат Вардар од тронот.

– Престои долга зимска пауза, која ќе ја искористиме да се подготвиме добро за престојните натпревари во пролетниот дел. Откако ги завршивме натпреварите во Купот вниманието го свртивме во освојувањето на трофејот во Првата лига. Се надевам дека на крајот од сезоната ќе успееме во таа наша намера – заврши Далчески.

Мх.П.