Предложените мерки за санација на струшката депонија од страна на владата се добра појдовна основа, но веднаш мора да се почне да се работи на среднорочни и долгорочн решенија како што е изградба на прописна регионална депонија, во спротивно проблемот ќе се повтори, смета граѓанскиот сектор, според кој, Македонија сега е многу далеку од такво решение.
-Моментално 50-60% од комуналниот отпад се собира во Југозападниот плански регион, што значи дека 50.000 тони само комунален отпад завршуваат на дивите депонии во регионот. Ние од основното немаме почнато на собирање мешан комунален отпад и многу сме далеку од селекција и воведување на други форми на преработка на отпадот. – вели Блаже Јосифовски -од невладината „Ајде Македонија“.
Планот за управување со отпад во Југозападниот плански регион нуди добри решенија, но процесот се одвива пребрзо заради бирократските процедури потребни да се обезбедат средства од ЕУ, смета Јосифовски. Според него реакцијата на жителите на Дебрца која се спомнува како можна локација за изградба на регионална депонија е оправдана, затоа што јавноста не е доволно запознаена со проектот и неговото влијание врз животната средина.
-Треба граѓаните целосно да се вклучат и подобро да се информираат. Многу брзо поминуваме низ процесот, а се работи за инвестиција од најмалку 25 милиони евра која треба да ни овозможи решение за наредните 40 години. Сериозни се инвестициите и целата работа за да може вака брзо без дебата да е одвива овој процес. – додаде Јосифовски.
Изградбата на регионална депонија може да трае и до 10 години укажуваат експертите, период во кој општините ќе мора да изнајдат решение за заштита на животната средина.
-Во секоја општина да се постават контејнери за селекција на отпад и граѓаните да се стимулираат со намалување на цената на комуналните услуги, можеби со награди, или да се изнајдат други механизми. – вели Невена Смилевска од Еко свест.
Паралелно со ова, дражавата мора да размислува за воведување на соодветни казнени мерки и механизми на ефикасна контрола, без што нема да има промени во однесувањето на луѓето кон проблемот со отпадот, укажува граѓанскиот сектор.
Г. Момироски














