Заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими информира дека Владата на последната седница одлучила да се вработи одреден број од воспитувачките и негувателките во градинките чиј работен статус сеуште не е решен. Според Ибрахими, првичните проценки се дека ќе бидат вработени околу 252 воспитувачки/ негувателки.

Колку ќе бидат вработени во Охрид останува времето да покаже. Во ЈОУДГ “Јасна Ристеска“ во моментов на договор на дело ангажирани се 30 извршители.

Директорката Марина Петроска- Тодороска објаснува дека недостигот од кадар е се поголем и затоа  до министерството за труд и социјална политика постојано  се испраќаат барања за да се изврши вработување на потребниот кадар.

По основ на пензионирање или смрт испразнети се работни места од сите профили.И покрај тоа во изминатиот период од надлежното министерство не добивме согласност за нивно пополнување.  Во нашите објекти по договор на дело ангажирани се 30 лица, некои од нив уште  од  2002 година. Бројот на деца постојано се зголемува , а секоја година заминуваат најмалку по тројца вработени во пензија, со што во голема мера се отежнува работата во детската градинка, вели Петроска- Тодороска. Таа се надева дека ќе наиде на разбирање од страна на ресорното министерство, од каде одговорот бил дека поради антикризните мерки,  засега, не се дозволени вработувања и пополнувања на работните места испразнети по основ на пензионирање.


Неодамна, градоначалникот Александар Петрески изјави дека доколку проблемот не го реши владата, работниот статус на воспитувачите во охридските градинки кои работаат со договор на дело , ќе го реши локалната самоуправа.

Т. Кувенџиска