Голема невработеност, мала понуда на работни места, тешка материјална положба, борбата за преживување, немањето редовен приход и квалитетен живот.

Ова се само дел од причините за се поголемата небезбедност на граѓаните, честите вооружени грабежи и убиства, велат криминолозите во анализата што ја направи новинската агенција „Макфакс“.

„Криминалот и стравот од криминалот се сериозни закани за стабилната социјална клима во градовите, одржливиот економски развој, квалитетот на животот и човековите права. Несигурноста влијае на несиромашните уште поинтензивно, ги кине социо-културните врски и води кон создавање на урбани гета и стигматизирани делови во градовите“ смета Марјан Богданоски, професор на Факултетот за детективи и криминалистика при Европскиот универзитет.

Нарушена ли е  безбедноста на граѓаните и како ќе се одрази стравот и притисокот од несигурното живеење? Вакви прашања се наметнаа по се позачестените грабежи на банки, кои досега беа без жртви. Но вчерашниот напад на комбето на „Македонија пат“ заврши со убиство.

Се почести се и убиствата кои се случуваат за банални причини. Граѓаните не се чувствуваат безбедно.  „Секој ден убиства, грабежи“, коментираа тие.

Веќе не е новост, колегата да ти впери пиштол во глава. Минатата недела имаше и такви случаи, кога доктор, со 17 убоди на нож, ја закла директорката на Заводот за рехабилитација во Козле. Во четвртокот скопјанец кој бил должен, решеташе од Бутел до Кисела вода.

Вчера пак, две маскирани вооружени лица кај наплатната рампа, „Петровец“ со цел да го ограбат, нападнаа комбе на „Македонија пат“. Возачот не застанал,  по што напаѓачите со калашникови во раце го изрешетаа комбето. Совозачот беше убиен, а возачот, ранет возел се со населбата „Автокоманда“. Наместо во полициската станица „Гази баба“ стигнале до блиската експозитура на Стопанска банка, каде побарале помош.

Комбето на Македонија пат возело необезбедено. Ова е втор пат да има убиени во грабеж при транспорт на пари, откако пред две години убиено едно лице вработено во Агенцијата за обезбедување „Оса“, кој го обезбедуваше џип на Комерцијална банка.

Управата на „Македонија пат“  утре ќе има состанок со службата за пренос на пари за да ги договори понатамошните активности за зголемување на безбедноста на вработените.

“Досега не сме побарале обезбедување при транспортот на пари, бидејќи секојдневно пренесуваме и немаме законска обврска за такво нешто. Лицата ги пренесуваат парите по сите законски прописи“ вели Горан Стојковиќ, Директор на „Македонија пат“.

Убиениот Горан Илиќ, 20 години работел во Македонија пат, како обезбедување со лиценца.

Од почетокот на годинава на територијата од Македонија се случиле 13 убиства и девет грабежи на банки, во споредба со минатата година, кога цела година се случиле вкупно 36 убиства и околу десетина грабежи на банки.

OhridNews
извор: „Макфакс“