Меѓуинституционален одбор ќе прави анализа на пазарот на труд и на студиските програми со цел да се утврди дали универзитетите продуцираат кадар кој му е потребен на бизнис секторот.

Ова е утврдено во денес потпишаниот меморандум за соработка за реализација на проектот „Градење капацитети за зголемена вработеност“, од страна на Министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, министерот за образование и наука, Панче Кралев и амбасадорот на Кралството на Велика Британија и Северна Ирска, Кристофер Ивон.

За министерот за труд и социјална политика, Спиро Ристовски, овој проект е потврда и продолжување на политиките на Владата за зголемување на можностите за вработување на младите лица.

– Ние и досега во соработка со МОН, а врз основа на показателите на Агенцијата за вработување и интересот кој постои кај странските инвеститори за тоа кои се профилите и потребните стручни подготовки на кадарот кој им е неопходен, апелиравме младите да се определуваат во поголем процент за техничките науки. Годинава има мало зголемување на процентот на млади кои се определиле за техничките науки, со кој не сме целосно задоволни, но сепак претставува некакво придвижување, рече министерот за труд и социјална политика Ристовски.

Проектот ќе се реализира со финансиска поддршка на британската Влада во висина од 130 илјади фунти, а ќе го имплементира Националниот центар за развој на образование и претприемничко учење во периодот од септември годинава до март 2014 година.

OhridNews