Нови 100 амбулантни возила добива Итната медицинска помош во државата, а преговори се водат за уште 50 дополнителни кои треба да се набават во 2027 година.

Се разбира, колку помалку се користат, тоа значи дека ќе имаме толку помалку случаи што треба да се третираат со овие возила. Но, онаму каде што е потребно, убеден сум дека со овие возила побргу ќе се стигнува и ќе се интервенира многу попрецизно имајќи ја предвид опремата што ја поседуваат овие нови возила – 100 на број, нагласи Мицкоски.
Тој се осврна на состојбата во здравството, но и генерално, за владините политики и идните планови.
Многу работи се запоставени, многу работи се уништени, многу работи се украдени. Но, она што е задача на оваа Влада – е тоа што е уништено, тоа што е запоставено, тоа што е украдено – да го надомести. Има уште многу проблеми за решавање – не е сѐ решено со овие 100 возила, се разбира, можеби е помалку или повеќе олеснета состојбата, но не е сѐ решено. Но, она што е значајно е дека приоритет по приоритет, проблем по проблем, се решаваат во овие 27-28 месеци. Покрај овие 120 нови возила, што Министерството за внатрешни работи ги обезбеди по децениска негрижа таму, по тие стотина возила што ги доби „Пошта“, по тие 53 возила што се користат веќе во општините за чистење, за чистење на сметот, дојде ред и на овие 100 возила – амбулантни, рече Мицкоски.
Опремата во возилата, како што информира министерот за здравство, Сашо Клековски, е на сосема ново ниво: напреден дефибрилатор/монитор со пејсинг, ЕКГ и ST/QT мониторинг, кислородна и респираторна опрема за возрасни, деца и новороденчиња, вентилација/климатизација, автоматска носилка и систем за намалување на вибрациите.
Тоа значи дека третманот на пациентот почнува уште во возилото, а не дури во болница. Планот е возниот парк на Итната помош од сегашните 140 да го зголемиме на 200 возила. Веќе водиме разговори за уште 50 нови возила во 2027 година. Паралелно ги следиме кадровските потреби и критичните точки, за ресурсите да одат таму каде што се најпотребни, посочи Клековски.

Набваката на нови возила за Итната медицинска помош е значаен чекор кон унапредување на здравствениот систем, побезбеден транспорт и подобра грижа за пациентите. За здравство во кое секој живот е важен!, додаваат од Болницата.
Н.С.Ј.












