Одложувањето на денешната седница на Советот на општина Охрид на која требаше да се расправа за иницијативата за укинување на наплатата на паркингот на улицата „Партизанска“, според иницијаторот, советничката од ВМРО ДПМНЕ Јованка Дамоска Секулоска е лицемерен потег против интересите на граѓаните.
-И покрај наводното прифаќање да се расправа за овој проблем на седницата на Совет, мнозинството без консултација со опозицијата и поднесувачите на точката одлучи да не се одржи продолжение на седницата и да не се расправа по точката за паркинзите. Со тоа СДСМ уште еднаш избега од интересите на Охриѓани. Останува фактот дека Градоначалникот Петрески и СДСМ се само креатори на проблеми на граѓаните, водени од тесни бизнис и партиски интереси. СДСМ уште еднаш го покажа лицемерието и уште еднаш застана зад коруптивните и криминалните активности со паркинзите во Охрид, бегајќи за тоа да се расправа правовремено и сега и одолговлекувајќи го проблемот, вели Дамоска Секулоска.
Инаку, вчера, претседателот на Советот на Општина Охрид, Душко Јаковчески, продолжението на 50-тата седница на Советот на Општина Охрид кое беше закажано за 31- ви јули, во 13 часот, го одложи на неопределено време.
За датумот на одржувањето на продолжението на седницата, претседателот на советот најави дека јавноста дополнително ќе информирана.












