Поранешниот репрезентативец на Македонија и  соработник на селекторот Среќко Катанец,   охриѓанецот Данчо Целески  како голман беше дел од историскиот натпревар кога нашата најдобра фудбалска селекција во квалификациите за Светското првенство во Франција 1998 година со 3-2 ја совлада тогаш исклучително силната  репрезентација на Република Ирска. Чуварот на мрежата Целески исто така беше дел од составот на Македонија кога Република Ирска забележа триумф над “црвено-жолтите“ од 3-0.

Македонската репрезентација в сабота во Даблин повторно и  гостува на Република Ирска. Со “детелините“ сме се сретнале четири пати, на домашен терен забележавме триумф од 3-2 и ремизиравме  1-1 додека на гостувањата во два наврати претрпевме порази од 1-0 односно 3-0.  Натпреварот е од исклучително значење за обете селекции, Македонија да остане во игра за место кое води на Европското првенство додека “детелините“ да фатат приклучок за врвот во групата.


Во секој случај Ирците се фаворитите во натпреварот, поголемиот дел од селекцијата игра во клубови од Премиер лигата и Шкотската дивизија.  Ирската репрезентација иако е составена од искусни фудбалери во последните неколку години не бележи некои завидни резултати.  Шансата за конечно да ја прекиниме негативната серија е во добрата форма на двигателите на играта во “црвено-жолтиот“ состав,  .  Посебно ме радува  подобрувањето на играта кај капитенот на Македонија, Горан Пандев кој е максимално подготвен да одговори на секој предизвик. Голема придобивка за селекторот Јонуз е што сите повикани фудбалери му се на располагање и нема повредени, а на теренот ќе истрчаат најдобрите 11 во дуелот со Република Ирска  – вели за “Ohridnews“  Данчо Целески.

 Џејсон Мекатир по исклучувањето на „Градски“ (Мак -Р.Ирс. 3:2)

Македонската репрезентација знае и умее да изненади кога се работи за селекции од голем калибар. Со кренати глави се вративме од гостувањето кај Холандија ремизирајќи со 0-0, додека Англија има “црни“ спомени од нашата селекција, “црвено-жолтите“  во двете гостувања кај “Гордиот Албион“ успеаа да останат непоразени играјќи 0-0 на “Олд Трафорд“ како и историските 2-2 на “Стадионот на светлината“ во Саутемптон.

Со офанзивна тактика која би ја одржувале низ целиот натпревар  би имале најголема шанса да оствариме позитивен резултат. Потенцирам за да се добие натпревар не треба само добро да се одигра, треба да сме константни во текот на целиот меч и да имаме свој ден – додава Целески


Еднаш ги совладавме Ирците, можеме ли втор пат?

Кога се работи за натпревар кој се игра на островото неминовно е прашањето каква атмосфера не очекува на стадионот во Даблин и дали репрезентативците на Македонија можат да се носат со  “топлиот“ пречек.

Атмосферата како и секогаш на островото ќе биде пеколна, зачинета со навивање низ целиот натпревар. Нашата селекција е составена од искусни фудбалери и не би требало полниот стадион и жестоките навивачи да претставуваат некаков притисок и да потклекнат на него, напротив тоа треба да им биде мотив повеќе – заврши Данчо Целески, кој низ пријателски и квалификациски средби има забележано 22 настапи во дресот на Македонската репрезентација.


Данчо Целески верува во македонските репрезентативци

Михаил Постоловски