Епидемиологот д-р Драган Даниловски во врска со појавата на хантавирусот вели дека јавноста не прави разлика меѓу науката и стравот од хантавирусот создаден на интернет и дека е крајно време да научиме да правиме разлика меѓу реален јавно-здравствен ризик и интернет-фантазија што живее од колективниот страв. На јавноста ѝ се потребни точни информации, трезвеност и превенција, а не нова паника, порачува д-р Даниловски.

Во објавата на на социјалните мрежи посочува дека хантавирусот деновиве стана новата суровина за глобалната индустрија на страв, а доволен беше еден изолиран настан на крузер во Јужниот Атлантик за интернет-просторот повторно да експлодира со апокалиптични сценарија, „предвидувања“, мистериозни објави од минатото, сомнежи за глобални агенди и рециклирани теории за контрола на човештвото.

Речиси по автоматизам, повторно почнаа да циркулираат истите зборови: пандемија, контрола, депопулација, mRNA, „1984“… Како да постои готов шаблон што се активира секогаш кога во медиумите ќе се појави името на некој вирус. Во меѓувреме, јавноста постепено престанува да прави разлика меѓу епидемиологија и алгоритамски произведен страв. Особено загрижува фактот што во таквата атмосфера понекогаш активно учествуваат и здравствени професионалци чијшто јавно изговорен збор носи огромна тежина, зашто, покрај името им стои титула доктор. По ковид-пандемијата, општеството остана психолошки преосетливо на теми поврзани со инфективни болести, вели д-р Даниловски.

Појаснува дека хантавирусите не се нов феномен што вчера се појавил во лабораторија, туку дека одамна познати во медицината. Претставуваат група вируси поврзани со глодари, кои се нивен природен резервоар. Луѓето најчесто се инфицираат преку контакт со аеросоли и честички прашина контаминирани со измет, урина или плунка од заразени глодари. Дел од нив се присутни на европскиот континент, Азија и Африка (подгрупа на Хантавируси на Стариот свет – Old World Hantaviruses). Ендемско подрачје е Балканот.
Друг дел од нив (подгрупа на Хантавируси на Новиот свет – New World Hantaviruses) „владее“ со обете Америки. Ендемско подрачје се Аргентина и Чиле.

Иако двете подгрупи се сродни, тие се разликуваат по тоа што предизвикуваат различни видови болести кај хуманите домаќини. Вирусите во подгрупата на Новиот свет предизвикуваат болест позната како „хантавирусен пулмонален синдром“ со десетици заболени секоја година и смртност од 20-40%. Вирусите во подгрупата на Стариот свет предизвикуваат болест позната како „хеморагична треска со бубрежен синдром“, со стотици заболени секоја година и со смртност од 1-15%. Балканот има сопствено искуство со хеморагичната треска со бубрежен синдром.

Во подгрупата на Новиот свет постои типот Andes вирус, (причинител на епидемијата на крузерот „Хондиус“). Само кај овој тип е опишан и пренос од човек на човек! Многу важно! Тој вирус не циркулира кај нас. Ниту постои ризик да „скокне“ од некој од заразените на крузерот. Поради тоа, во моментот не постојат индикации за сценарио што би наликувало на ковид-пандемијата. Истовремено, постојат реални причини за внимателност. Темата за хантавирусите отвора едно многу приземно и локално прашање: каква е состојбата со урбаната хигиена, дератизацијата и контролата на глодарите во македонските градови?, вели д-р Даниловски.

Додава дека контејнери преполни со денови, купишта смет покрај улици, расфрлан органски отпад, диви депонии… создаваат средина погодна за експанзија на популацијата на стаорци и глувци кои претставуваат потенцијален резервоар за повеќе инфективни заболувања, вклучително и хантавирусните инфекции.

OhridNews