Во салата „Билјанини извори” викендов двочасовен хуманитарен концерт одржаа хрватскиот кантавтор Данко Томаниќ и групата „Адонаи” од Хрватска кои беа на четиридневна есенска турнеја низ Македонија. Концертот во Охрид беше дел од нивната турнеја за кој музичарите беа едногласни дека го доживеале како најуспешен и со најголема почит и ревност кон нивната музика.
„Според мене, а мислам дека истото ќе го кажат и другите музичари од бендот, почувствував дека имавме најтопли реакции на нашата изведба токму во Охрид, иако одлично поминавме и во Битола и Струга. На наше големо задоволство успеавме да го задржиме вниманието на публиката во текот на целиот концерт и покажаа должна почит кон сите музички нумери. Пред се нам ни беше најважно да направиме публиката да се чувствува пријатно и да си помине незаборавно, но притоа да и пренесеме порака дека колку и да е животот стресен и понекогаш тежок дека секогаш има надеж и тоа е онаа порака која е содржана генерално во сите наши песни’’- истакна фронтменот на бендот „Адонаи”, Бранко Ковачевиќ.
За единствениот женски вокал на групата, дваесет и две годишната Ања Ковачевиќ охридската публика е навистина гостопримлива и изрази огромно задоволство што има можност во нејзината кариера да настапи за првпат и во градот под Самуиловите тврдини.
„Публиката во текот на целиот концерт не охрабруваши и мотивираше да пееме од срце. Инаку морам да признаам дека немав научено песна за Охрид и немаме голем македонски репертоар, затоа ја изведовме песната Битола мој роден град која ја научив за претходниот концерт кој се одржа во петокот во Битола, така што ветувам дека ќе научам повеќе песни за Охрид и верувам дека пак ќе имаме прилика да настапиме тука. Ова е првпат да настапиме во Охрид, но верувам дека нема да биде и последен.“- додаде Ања.
За неа ова е едно исклучително позитивно искуство со најдобри впечатоци за Охрид кои како што потенцираше, ќе ги памети долго.
За кантавторот Данко Томаниќ овој концерт е значаен поради својата хуманитарна дименизија, но и поради пораките кои тие ги испраќаат со текстовите на нивните песни, а кои според реакциите на посетителите, е убеден дека допреа до срцата на повеќето присутни.
„Нашата цел беше пред се за хуманитарни цели односно да им помогнеме на лицата со посебни потреби. За мене како личност со инвалидитет беше важно да им пренесам на публиката порака дека и слепите треба да даваат, а не само да примаат. Благодарни им сме за поддршката на Црвениот крст од Охрид кои го помогнаа концертот и со свои волонтери, а воедно и на фирмата ,,Синерга” од Струга, особено на директорот Ивица Хорват и менаџерот Дарко, кои беа иницијатори на ваквата идеја да имаме наша мини турнеја низ Македонија. Јас настапувам и сам, но обично 3 до 4 пати годишно имаме концерти заедно со групата ,,Адонаи” со кои изведуваме духовна односно госпел музика во поп и рок стил.“- подвлече Томаниќ.
Публиката уживаше во изведбата на песните „Моје небо” , „Глорија”, „Опрости ( Саѕ И’м соррѕ), „Слобода”, „Боже”, „Божја милост” кои побудија силни позитивни емоции, а воедно посетителите беа фасцинирани од љубовта и посветеноста на бендот кон нивната госпел музика која ретко може да се чуе во Охрид.
Средствата собрани од овој хуманитарен концерт од продажбата на влезници (50 ден.) и продажба на оригами производи изработени од членовите на оригами клубот при Црвен крст – Охрид ќе бидат наменети за набавка на помагала за лицата со оштетен вид и слух од Охрид.
Ивана Чичоска