Најдобрата македонска кошаркарска репрезентација успешно на првата позиција на табелата во групата ја заврши мисијата во претквалификациите и се искачи скалило погоре, односно во главните квалификациите во кои учествуваат 32 селекции.
„Црвено жолтите“ се коцкаа со судбината и со местото во кошаркарска елита, откако изгубија 12 поени разлика (65-53), а „границата“ беше не повеќе од 14 кошеви. Романците имаа последен напад и за среќа наша не го реализираа.
Игравме добро во одбраната, но ужасно во нападот. Натпреварот беше исклучително важен за двете репрезентации и мислам дека затоа играта на двете страни беше таква каква што беше. Го остваривме тоа кое го планиравме одамна – се пласиравме во квалификациите, но мораме да работиме повеќе и подобро. Мислам дека во второто полувреме го сменивме начинот на игра во одбраната и ги спречивме противничките кошаркари да реализираат повеќе поени. Не сум среќен со начинот на кој игравме, но среќен сум поради успехот кој генерално го остваривме. Се мачевме две години за да стигнеме до евроквалификациите, а тоа што сега ни претстои е различна приказна. – изјави селекторот Јорданчо Давитков.
Поразот од Романија е жолт картон за кошаркарите и стручниот штаб, а втор жолт картон не смее да има, бидејќи тогаш автоматски е црвен и може да биде фателен за мак кошарката.
OhridNews