Тренерот на Фени Индустри, Љупчо Малинков и поранешниот тренер на МЗТ Скопје, Александар Јончески ќе му бидат помошници на Јорданчо Давитков кој минатата недела го презеде кормилото во македонската кошаркарска репрезентација.
Малинков прв пат ќе биде вклучен во работата на стручниот штаб во А селекцијата, откако ја предводеше младата репрезентација.
– Огромно задоволство ми е што конечно добив шанса за да бидам дел од стручниот штаб на најдобрата селекција особено како дел од ова тренерско трио. Давитков е еден од подобрите тренери во Македонија и ќе ми биде чест да работам покрај него. Мислам дека сите имаме исти очекувања и ’желби’, а тоа се успешни претквалификации, па понатаму да мислиме и на повисоките квалификациски скалила. – изјави Малинков.
Јончески, пак, има искуство како помошник во репрезентациајта, бидејќи десна рака му беше на Марјан Лазоски, Алеш Пипан и Марјан Србиновски. – Очекувам одлично да соработуваме како тренерско трио и се надевам дека ќе имаме успешни претквалификации за Светското првенство, па здравје да размислуваме и за уште еден пласман на Европското првенство односно повторно да се вратиме на големите натпреварувања, но за тоа има време. Со моето досегашно искуство како член во стручниот штаб на „А“ репрезентацијата ќе дадам максимум од себе и се надевам дека ќе придонесам доволно за успех на претстојните претквалификации.
За Давитков ова ќе биде втор мандат на чело од сениорскиот состав, откако легендарниот кошаркар ја предоведеше Македонија од 2001 до 2007 година.
OhridNews