Работите во македонската репрезентативна кошарка тргнаа на подобро, откако „црвено жолтите“ ги добија двата мечеви со Словачка во гости  и со Швајцарија дома на стартот од претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2021 година.

Селекторот на Македонија, Јорданчо Давитков жали што репрезентацијата со ваков ростер и желба за игра ја немал летото кога имаше неуспешни претквалификации за учество на Светско првенство.

– Искрено, да го имав овој тим во август, можеби ќе игравме некои други квалификации сега. Добро е што се вративме од таму каде што бевме во август, со овие две победи сме еден чекор поблиску до нашата цел, а тоа се главните квалификации. Натпреварот одеше малку потешко од очекувањата. Играчите беа преимпресионирани од присуството на големиот број на гледачи, па можеби затоа во првиот дел игравме стегнато. Сепак, им благодариме за големата поддршка, навистина ни беше потребна. Што се однесува до самиот меч, одбраната во првиот дел не фукционираше како што треба, не знаевме како да ги спречиме нивните центри, но во второто полувреме веќе ги корегиравме тие работи, тоа се виде на теренот, а и според резулатот. Сите единаесет играчи кои настапија одиграа според планот, можеби не одигравме квалитетен меч како против Словачка, но важно е дека успеавме да го оствариме тоа што ни беше потребно. – изјави Давитков.

Еден од помладите во селекцијата Бобан Стајиќ и се заблагодари на публиката која дојде во голем број како некогаш да ја бодри најдобата кошаркарска селекција. – Сакам да му се заблагодарам на секој поединец што дојде в сала да нѐ поддржи денес. По многу долго време играме пред речиси целосна сала. Атмосферата беше одлична. Тоа беше голем плус за нас. За играта .. На почетокот беше многу тешко за нас. Противникот беше навистина непознат за нас па затоа дури во втората половина ја прилагодивме нашата игра на нивната. Успеавме да го запреме нивниот напад и на крајот тоа ни ја донесе победата и тоа убедлива.

Македонија мечевите во претквалификациите ги продолжува во февруари месец следната година со дуелот против Словачка во Скопје, а ги завршува во јуни против Швајцарија.

Сигурен победнички од на „црвено жолтите“ во претквалификациите

OhridNews