Македонија го забележа историски највисокиот фудбалски пораз во официјална конкуренција во своето постоење. Во рамки на квалификациите за пласман на Европското првенство, вечерва на „Олд Трафорд“ Англија ја совлада Македонија со 7:0.

Блескаше на средбата играчот на Арсенал Сака, кој постигна хет трик, а во листата на стрелците уште се запишаа Кејн на два пати (1 пенал), Рашфорд и Келвин Филипс.

Македонија на мечот изгледаше целосно немоќно, тешко ја поврзуваше играта, а во нападот беше тотално немоќна, за што говори фактот дека за 90 минути игра нашите репрезентативци не упатија ниту еден удар кон голот на Пикфорд.

Англија е лидер во нашата Ц група со 12 бода од четири средби, Украина има 6, Италија и Македонија по 3, а Малта е последна без бодови.

Г. Момироски
Фото: Архива