Охридските советници денес ја одржаа 34-та седница на советот. Очекувано, најдолга расправа се одржа околу предложените измени и дополнувања на Буџетот за 2019 година.

Според опозицијата, начинот на буџетирање е бесперспективен, особено поради кратењето на ставките со капитални расходи за капитални инвестиции со кои, како што велат, општина Охрид треба да им излезе во пресрет на барањата на граѓаните и месните заедници. Советниците од опозицијата не дадоа поддршка за ребалансот на буџетот, освен за програмите за спорт и јавна чистота, со кои се набавуваат возила за чистење на улиците, односно се издвојуваат дополнителни средства за ФК Охрид.

  • Локалната самоуправа треба да најде начин правилно да ги изменаџира потребите на граѓаните со реалната можност на она што треба да претставува буџет. За разлика од други години, оваа година, владата додели 8 милиони евра за раздолжување на општината. 4 милиони евра можеа да се користат за образованието, но не ги искористивме. Напротив, добивме потписи од добар дел од директорите од училиштата дека немаат долг, вклучувајќи го и ОУ „Григор Прличев“ за кое по трет пат во ребаланс издвојуваме средства за исплата на долг. Понатаму, со ребалансот дополнително се додаваат 2 и пол милиони денари за привремени вработувања во општина Охрид за кои сме против. Во време кога имаме преголем број на нефункционална администрација, не гледаме потреба зошто би се додавале тие пари за привремени вработувања. Притоа, 1 милион и 600.000 денари се помалку за реконструкција на објекти во основното образование. Има пониски цени добиени на тендери и затоа се тие 1.600.000 денари, но треба да се искористат понатаму во образованието, вели координаторот на советничката група од ВМРО ДПМНЕ, Кирил Пецаков.

Со мнозинство гласови, советот ја прифати предлог- одлуката за исплата на долгот на ОУ„Григор Прличев“ кон доверителот „Моби Петрол“ ДООЕЛ Охрид, со што се деблокира жиро сметката на училиштето.

  • За прв пат, конечно, после долго време ќе се одблокира жиро сметката на ОУ „Григор Прличев“ што е големо постигнување, бидејќи училиштето ќе може во иднина континуирано и непречено да работи. Издвоени се средства за набавка и на типизирани тезги со кои ќе се изврши нивна унификација, издвоени се дополнителни средства за ФК Охрид во висина од 800.000 денари, како и дополнителни 2 милиони денари за отстранување на нелегално изградените објекти. Опозицијата има свои ставови и размислувања, со дел се согласуваме со дел не, она што сметаме дека е позитивно за граѓаните го носиме, изјави координаторот на советничката група на СДСМ, Мишел Силјаноски.

Точката за избор на командир на полициска станица од општа надлежност Охрид, повторно беше повлечена од дневен ред. Како што изјави Силјаноски, за предлогот ќе се гласа кога ќе се усогласат различните ставови.

Советниците гласаа и за измените во програмите за работа на локалната самоуправа, а беше донесена и одлуката за подигање спомен-обележје за бродската несреќа од 05.09.2009 година и локацијата за градба.

OhridNews