Насилството помеѓу учениците е неприфатливо, но за жал присутно. Ова, меѓу другото беше истакнато на панел дискусијата што се одржа вчера во просториите на Филмската академија во Охрид на тема „Ајде да зборуваме за видливото и невидливото насилство кај младите“.
-Насилството помеѓу врсниците, е несакано и агресивно однесување кај децата на училишна возраст, што се базира на реална или воочена нерамнотежа на моќ. Ваквото однесување се повторува со текот на времето, а децата кои се малтретирани и оние кои малтретираат најчесто имаат сериозни и трајни проблеми. – беше кажано на дискусијата на која учество зедоа доц. д-р Калина Сотироска Иваноска – лиценциран психолог и декан на факултетот за општествени науки на Меѓународниот универзитет „Визион“, Ангелина Соколовиќ – психолог во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ и гешталт психотерапевт, Алберта Гулицоска – психолог во ОСУ „Св. Климент Охридски“, Оливер Неделкоски – заменик командир во СВР Охрид, како и ученици од средните училишта во Охрид.
На панелот се истакна значењето на психолозите, кои со своите професионални вештини можат да им помогнат на младите да се соочат со насилството за кое многу тешко се зборува поради страв од маргинализација и отфрлање од заедницата и семејството. Затоа неопходно е да се преземе иницијатива додека не е доцна, за младата личност правилно да се развие и да придонесе за едно стабилно и здраво општество, посочија дискутантите.
Настанот се одржа во рамки на одбележување на Деновите на психологијата 2019 на Национална платформа на Комората на психолози на Македонија за унапредување на менталното здравје.
OhridNews
















