Советот на Општина Охрид на одржаната седница едногласно ја усвои иницијативата за отстапување на простор за изградба на Дневен центар за деца со церебрална парализа. Просторот за оваа намена е предвиден во поранешната касарна.

Децата со церебрална парализа досега немаа Дневен центар, а родителите со години бараа простор за негова адаптација за згрижување и анимација на оваа категорија деца. Нашата цел како Локална самоуправа е да правиме се што е во наша надлежност и моќ за да ги подобруваме условите за живот на охриѓани, истакнуваат од Општина Охрид.

Советничката Виолета Аврамоска истакна дека ова е еден од проектите на Левица, кои беа услов за поддршка на мнозинството во избор на претседател на советот. Проектот беше поддржан од градоначалникот и од претседателот на совет и секретарот на Општина Охрид. Заедно се трудевме и работевме во соработка со Здружението и еве накрај успеваме да го ставиме како точка на дневен ред, рече Аврамоска на седницата.

Со реализација на овој проект конечно на децата со посебни потреби ќе им се обезбеди простор за дневен престој и ќе се овозможи нивна социјализација и поквалитетен живот. Со реализација на овој проект покажавме и докажавме дека интересите на децата и на младите се нашиот приоритет, рече Аврамоска.

Советникот Горан Маркоски истакна дека внимателно го анализирал елаборатот поднесен од Здружението „ВОПС“ и дека станува збор за мошне амбициозен проект наменет за една сензитивна група на лица.

Од моја страна наидува на позитивни критики. Болната вистина е дека навистина овие лица за жал не го наоѓаат соодветното место во нашето општетство. Вака замислениот Центар за нивно згрижување би помогнал и тоа како за нивно социјализирање. За отоворање на ваков Центар потребен е мултидисциплинарен пристап кон овие деца, односно времето за престој на овие деца да се искористи како за медицински, така и за едукативен третман, истакна Маркоски. 

Н.С.Ј.