Сончево септемвриско претпладне. 5 септември 2009. Професионалниот фотограф Александар Ковачески, кој во тоа време работи и за Македонската информативна агенција-МИА, се подготвува да замине да снима свадба во хотел на охридското крајбрежје. Ја зема својата опрема и тргнува. Но, наместо да снима свадба, судбината одредува преку својот објектив, да ја овековечи најголемата бродска несреќа што се случила во Охридското езеро.

Околу 10.30 часот добива  повик од колега од Скопје кој му кажува дека потонал брод во водите на езерото помеѓу Лагадин и Елешец. Веднаш се упатува кон посоченото место.

Само што свртив на кривината после хотел Два Бисери и погледнав кон езерото видов расфрлани елеци за спасување како пливаат во водата. Дојдов на самата плажа кај кампот Елешец и на 50 до 100 метри од брегот видов брод, мислам дека беше „Галеб“. Траорна атмосфера, мирно, тивко ништо не се слуша. Почнав да сликам од обала и случајно видов еден човек со кајче како се приближува. Ми рече: се обидовме да ги спасиме патниците, тоа што можевме направивме. Го замолив да ме однесе со кајчето до местото и отидовме. Прв стигнав од колегите, друг немаше, освен неколку луѓе кои се затекнале во близина. Го лоцирав бродот кај што беше потонат и ја направив фотографијата каде во водата се гледа потонат бродот „Илинден“. Направив и низа други фотографии кои потоа беа преземени од многу светски и домашни медиуми. Во меѓувреме, пристигна и полицијата, се сеќава Ковачески.

Веднаш го повикуваат да оди на охридскиот аеродром каде треба да пристигне бугарскиот претседател кој го дочекува тогашниот македонски претседател Ѓорѓе Иванов. Оттаму заминуваат во вилата „Билјана“ каде ги разгледуваат снимките од несреќата, се објаснуваат причините за потонувањето на бродот.

-Прв пат сликав таков трагичен настан, сликите од настанот, телата, расфрланите предмети, и понатаму ми доаѓаат во мислите и после толку изминати години, вели Ковачески.

Меѓу првите кои пристигнуваат на местото на несреќата е и охридскиот новинар Симон Илиевски, тогаш дописник за Утрински весник и Канал 5. Веста за потонувањето на бродот „Илинден“ ја добива во струшкиот хотел „ЕВРОТЕЛ“, каде се одржува настан на кој присуствува  тогашниот министер за одбрана Зоран Коњаноски.

-Првата информација беше без доволно детали. Со снимателот Златко Манески веднаш ја спакувавме опремата и заедно со другите новинари тргнавме кон автокампот „Елешец“.

Додека патувавме, од повеќе извори ја проверував информацијата и собирав податоци. Пред да стигнеме кај автокампот „Елешец“ веќе се гледаше како тоне бродот и како на помош се приближуваат и други бродови.

Кога стигнавме и Златко почна да снима, глетката беше морничава. Човечки тела почнаа да испливуваат, а бројни луѓе скокаа во водата за да извадат некој од преживеаните. Полицијата го обезбедуваше местото, а спасените луѓе почнаа да се транспортираат до плажата пред хотелот „ Метропол“ каде беа стационирани екипите на брза помош, раскажува Илиевски.


Тежината на нашата професија е од таква морничава атмосфера во која гледаш како умираат или се спасуваат луѓе, мораш да ја направиш и да ја испратиш првата информација, додава Илиевски.

Телефонот постојано ѕвони. Се најавуваат вклучувања во живо, снимање на очевидци и монтирање прилог и пишување текстови. За несреќата известувавме со денови и тоа се моменти кои не се бришат во личната меморија, се присеќава Илиевски.

Десет години по несреќата, од охридската Капетанија на пристаништа велат дека поуката е извлечена. Во меѓувреме, преземени се низа мерки, извршени се измени на закони и донесени правилници со кои се регулира пловидбата по езерото.

-Направено е многу во тој дел за да се почитуваат позитивните елементи од добрата бродарска пракса. Тоа значи, да се почитуваат сите правила и прописи при самата пловидба, техничката способност на пловилата да биде на највисоко ниво, според македонските но и светски закони. Пред се во насока на опремата која треба да се поседува во пловниот објект, бројот на патници, почитувањето на правилата, но и активностите кои капетанија заедно со полицијата ги спроведуваат. Во тој дел не смее да има безредие. Прекршоци се правеле и ќе се прават, но мора да има правила и прописи, санкции и контроли за несреќите да се сведени на минимум, потенцира капетанот од охридската Капетанија на пристаништа, Горан Устијаноски.

Во несреќата со бродот „Илинден“ загинаа 15 бугарски туристи. Благодарение на пожртвуваноста на капетанот на бродот Сотир Филески и присебноста на посадите на бродовите „Александрија“ и „Кристина“, други храбри граѓани и лекарските екипи, беа спасени 38 туристи од Бугарија и туристички водич од Охрид. Техничка неисправност и претовареноста на бродот на кој дополнително му била монтирана горна палуба, беа наведени како причини за големата трагедија.

Секоја година, на 5 септември, во помен на жртвите се полага свежо цвеќе на споменикот поставен во нивна чест на охридското крајбрежје.

Тања Кувенџиска