Постапката за приготвување на ова јадење, не е воопшто лесна. За да се направи едно ѓомлезе под сач, потребни се повеќе часови. „Пред да се подготви кашата, огнот треба да е запален. Тој треба да е доволно силен за да може да го загрее сачот“ – вели дедо Трајан, домаќинот на куќата.
Ѓомлезето се пече во тепсија со дијаметар од околу 24см. Најпрвин се прави смеса од брашно, вода, сол и масло, која се става во посебен сад. „За оваа тепсија, потребни се околу два и пол килограми брашно. Покрај сол, во кашата ставаме четврт литар масло, во зависност од тоа колку сакаме да биде мрсно ѓомлезето. За разредување на смесата, додаваме околу 3 литри вода. Сепак, кашата не смее да биде ниту премногу густа, ниту премногу ретка, а за да не останат грутки се меша со миксер или рачно.“ – вели баба Живка.
Откако ќе се подготви смесата, сачот се поставува на огнот. „Тој треба добро да се изгори. Дури се загрева, тепсијата ја прскаме со масло. Со супена кутлача, земаме дел од смесата која ја растураме по дното на тепсијата, а потоа над неа се става загреаниот сач. Се чека околу 10 минути за печење на првиот слој од ѓомлезето, но треба да се внимаваме да не загори кашата. Откако ќе завршиме со првата тура, сачот се враќа на огнот за да се загрее, а постапката ја повторуваме додека имаме од смесата. Откако ѓомлезето е готово, над него повторно се става вршникот, и тоа околу 40-тина минути. Целата постапка на вака приготвеното ѓомлезе, трае нешто повеќе од 3 часа. “ – додава баба Живка.