Советникот и македонски претставник во Билатералниот секретаријат за заштита на Охридското Езеро, Дејан Пановски, не поднел апликација за кандидат за градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО ДПМНЕ.

Пановски кој во минатото на неколку пати отворено изјавуваше дека нема амбиции за градоначалничката функција, во изјава за OhridNews истакна дека останува на тој став, најавувајќи дека и натаму ќе биде политички активен и ќе се залага за интересите на Охрид.

 

„Има и други позиции од кои треба и мора да се помогне и на партијата и посебно на Охрид“, рече Пановски.

Дејан Пановски подолг период во медиумите и во јавноста се спомнуваше како еден од можните кандидати за  градоначалник на Охрид од редовите на ВМРО ДПМНЕ.

Инаку, рокот за аплицирање за кандидат за градоначалник на општина Охрид од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, заврши деновиве. Како што информираат од партијата пристигнатите апликации, кои засега не се обелоденуваат, ќе бидат разгледани од страна на Извршниот комитет, по што ќе биде направен потесен избор. Колку и кој од кандидатите е омилен меѓу охриѓани ќе се утврдува по пат на анкета. Одлуката кој ќе му се спротистави на Петрески на Локланите избори во 2013 година, ќе ја донесат Извршниот комитет и претседателот Никола Груески, кај кого претходно на интервју ќе помине секој од потенцијалните кандидати во потесен избор.

Се очекува целата процедура да заврши до ноември.

OhridNews