Шпанскиот селектор Винсенте дел Боске не го криеше задовлоството од прикажаната игра на неговите избраници, со која ја совладаа Република Ирска со 4:0.

„Среќен сум поради победата. Тоа дополнително ќе нè мотивира за натпреварот со Хрватска“, рече Дел Боске.

Шпанскиот селектор даде свој коментар за стравовите на Италијанците, дека Шпанија и Хрватска во последното коло ќе одиграа 2:2, што во случај на победа на Италија над Ирска, ќе ги однесе двете репрезентации во четвртфиналето, а „азурите“ би се вратиле дома.

„Одиме на победа. Ние сме спортисти и ќе се обидеме да ја победиме Хрватска“, ја пренесува Марка изјавата на Дел Боске.

Италија има непријатно искуство со резултатот 2:2 од Европското првенство во 2004 година. Тогаш тој резултат ги носеше Данска и Шведска во четвртфиналето, а Италија иако ја совлада Бугарија се прости од првенството.

Селекторот на европскиот и светскиот првак уште еднаш даде свое видување и за тактичките варијанти со кои ги одигра првите две средби на првенството.

Шпанија против Италија започна без класичен напаѓач, додека со Ирска од почеток во составот беше Фернандо Торес, која за довербата на селекторот му возврати со два гола.

„Ги разбирам критиките кои дојдоа по мечот со Италија. Ние ги имаме Торес, Негредо, Љоренте и Фабрегас. Без проблем можеме да играме во двете формации“, смета Дел Боске