На Дебарско – кичевската епархија со денационализација и е вратено атрактивно земјиште кај манастирскиот комплекс Св. Наум, кое се наоѓа во строго заштитената зона на Националниот парк Галичица. Информацијата за OhridNews ја потврдија од управата на националниот парк, но не можеа да прецизираат за колкав имот се работи, бидејќи сеуште не го добиле решението на Комисијата за денационализација.


Ова земјиште е од исклучително значење за националниот парк, бидејќи токму поради природните реткости и ендемските видови кои живеат таму планината Галичица е прогласена за заштитено подрачје. Министерот за животна средина и просторно планирање, Неџати Јакупи,  во изјава за OhridNews истакна дека промената на сопственоста нема да го загрози природното богатство и дека тоа и натаму ќе биде во функција на одржлив развој.

–  Тоа е најрепрезенатативниот дел на Националниот парк, но мислам дека благодетите ќе ги уживаат и поранешните сопственици, тоа е паркот, како и црквата. Исто така мислам дека ќе се најде заеднички јазик Националниот парк да управува со природното наследство, а црквата да го користи тој простор за сопствени потреби, изјави министерот Јакупи.


Неџати Јакупи
Информацијата за враќањето на имот во Св. Наум ја потврди и  Дебарско Кичевската епархија од каде се воздржаа од дополнителен коментар се додека не заврши целокупната постапка за денационализација на земјиштето на источното крајбрежје на Охридското Езеро кое се протега на површина од околу 3000 хектари.

Горан Момироски