Соочени со економската криза, слабата посетеност вон туристичката сезона и високите режиски трошоци, дел од охридските хотелиери сериозно размислуваат да стават клуч на врата во зимскиот период. Од Хотелската асоцијација велат дека ваквата најава не ги чуди, затоа што  втора година по ред охридските хотелиери бележат драстичен пад на побарувачката во зима, туристи речиси и воопшто да нема, а намален е и бројот на конгреси и семинари кои вообичаено се одржуваа во овој период од годината.

– Ако нема најава за гости, објектот доколку затвори и ги плаќа само вработените, а не ги плаќа другите режиски трошоци струја вода и.т.н., полесно може да ја издржи зимската сезона, затоа што во пролет, есен и  лето не акумулира доволно за да може да се издржи овој период од 5-6 месеци во зима, вели Дончо Танески од ХОТАМ.  Тој појаснува дека еден објект во категорија од 4 ѕвезди со 40-50 соби, само за режиски трошоци месечно треба да издвои 600-700 000 денари, а за вработените уште најмалку толку.

Танески посочува дека охридските хотели полека ги губат и традиционалните гости, а причина за тоа е лошата патна инфраструктура и немањето евтин авиосообраќај што македонскиот туризам го прави неконкурентен на пазарот.

– Нема проток. Ние во зима имавме гости од земјите од опкружувањето: Албанија, Србија, Косово, Грција, Бугарија, сега и таа фреквенција ни се намали заради лошата патна инфраструктура.-вели Танески.

Хотелиерите укажуваат дека уште пред пет години понудиле пакет мерки за подобрување на конкурентноста на македонскиот туризам, но за разлика од земјите во регионот кои вложија милиони во автопати и привлекување на нискобуџетни авио компании, Македонија не инвестираше во подобрување на инфраструктурата, а доколку  утре таквата политика биде променета ќе поминат години таа да се изгради. Додека тоа не се случи, не треба да се очекува подобрување на состојбите во туризмот, предупредуваат хотелиерите.

Г. Момироски