Иако гинеколошкиот преглед за осигуреничките на Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија треба да биде бесплатен, дел од охридските матични гинеколози наплатуваат за прегледите по 500 или 600 денари, а при тоа не даваат никаква потврда за извршената наплата.

Жителки на Охрид кои се обратија до нашата редакција со молба да објавиме за овој проблем тврдат дека наплатите кај дел од охридските гинеколози прераснуваат во редовна појава.

-И во првата бременост која ми беше пред три години основните гинеколошки прегледи ги плаќав, а истотот ми се повтори и во втората бременост. Значи основниот гинеколошки преглед кој вклучува само ехо, кај мојот матичен гинеколог, кој има договор за работа со Фондот за здравствено осигурување чини 600 денари. Во една прилика ја прашав сестрата која работи таму -зошто се наплатува прегледот, на што таа кратко ми одговори дека си имаат формирано свој ценовник, вели млада мајка која се породила пред еден месец.

Нејзината пријателка која оди на прегледи кај друг матичен гинеколог во Охрид не информираше дека истиот имал утврдено поевтини тарифи за преглед.

-Кај мојот гинеколог кој исто така има договор со ФЗОМ, наплаќаат по 500 денари за преглед. Пред извесно време прегледот заедно со пап-тест ме чинеше 1.200 денари, што навистина е премногу. До сега не сум размислувала да пријавам за оваа незаконско работење бидејќи Охрид е мала средина, па се плашам дека потоа нема да имам соодветен третман кај ниту еден гинеколог, вели втората наша соговорничка.

Од Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија велат дека наплаќањето за гинеколошкиот преглед е незаконска постапка која мора да се пријави.

-Значи бесплатниот гинеколошки преглед ги вклучува сите дијагностички постапки што се потребни за вршење на прегледот. Целокупната медицинска опрема која што се користи и е во поседување на гинеколошката ординација, како што е ехо апарат е беплатно за самата осигуреничка. На осигуреничката единствено може да и биде наплатено само за пап тестот, а тоа се 60 денари и микробиолошките брисеви кои чинат до 350 денари, но тие пари не се за гинекологот туку за установата односно цитолошката лабараторија која ги прави анализите на пап тестот или микробиолошката лабараторија, вели Бранко Аџигогов, потпарол на ФЗОМ.

Тој информираше дека во текот на оваа година имале евидентирано вкупно 15 поплаки на пациентки на ниво на Република Македонија.

-Ние извршивме контроли кај сите  гинеколози за кои  добивме пријави, а  кај една третина од нив е установено дека навистина наплаќаат вон законските регулативи и за нив се изрекува казнена мерка во износ на пола капитација. На пет од пријавените гинеколози, годинава им се изречени казни за нерегуларно работење, објаснува Аџигогов.

Тој информираше дека пациентките сите нерегуларности можат да ги пријават на бесплатната инфо линија 080033222 секој работен ден од 8.30 до 20 часот и на мобилен 076/ 339-180 од 16.30 до 20 часот.

OhridNews