Од идната недела дел од администрацијата при локалната самоуправа ќе биде префрлена во општинската зграда во село Косел, каде во иднина ќе ги извршува своите работни обврски.
Како што информира секретарот , Димитар Спасески, целта е да се стави во функција зградата која е во сопственост на општина Охрид и да им се излезе во пресрет на барањата на жителите од овој дел.
– Целта на сегашното префрлање на дел од администрацијата е да се доближиме и до жителите на Косел и околината и да овозможиме нивна секојдневна комуникација со надлежните служби при локалната самоуправа. Сакам да потенцирам дека нема ништо тенденциозно при донесувањето на оваа одлука. Дел од моите средби со граѓаните исто така, во иднина ќе се одржуваат во зградата во Косел. Се надевам дека и оваа реформа ќе биде добро прифатена од граѓаните, изјави секретарот Спасески.
Тој истакна дека објектот е во одлична состојба и ги исполнува сите стандарди за нормално одвивање на работните задачи.
Доколку тоа го овозможи законската регулатива, во иднина е предвидено во Косел да биде ставено на располагање и едно противпожарно возило со цел поефикасна интервенција во случаите на избивање на пожар во овој дел од општината.
Т.К.