Да се реши безредието кое со години е присутно на плажите, а концесионерите да не се оставаат да прават што сакаат, надвор од потпишаните договори, побараа дел од советниците на денешната 72-ра седница на советот.

Дискутирајќи околу предложените дополнувања на програмата за изработка на урбанистички планови за 2017 година, кои се однесуваат на урбанизација на дел од крајбрежејето, поточно потегот од Славија до Метропол, Елешец до Десарет и од Градиште до Љубаништа, советниците побараа конечно да се решат проблемите на плажите и советот да има поголем увид врз тоа што се случува на крајбрежјето.

Голем број поплаки пристигнуваат од охриѓани и гостите околу концесионирањето со плажите. Едно е потпишано на договорите, а друго е на терен. Имаме бекатонизација, бетонизација, а и тој слободен простор што треба да е, целиот е зафатен со лежалки и ако сакаш да одиш на плажа мора да платиш за да бидеш гостин. Оваа предлог одлука ја прифаќаме за да се воспостави ред кој мора од некаде да започне, бидејќи ние губиме како град. Не може плажа со работно време до 22 или 23 часот да работи цела вечер и да се слуша музика до сабајле, или е плажа или кафеана, тоа мора да се расчисти. Не може како локална само да ги наплаќаме средствата од концесионерите, а тие да прават што сакаат, рече советникот Јоне Станкоски.

Со слично барање и советничката Јованка Дамоска Секулоска која нагласи дека станува збор за сензитивно прашање кое мора да се регулира на транспарентен начин.

Да не се дозволи узурпирање на крајбрежјето од страна на поединци, мора да се има контрола врз урбанизацијата, бидејќи иако плажите се јавно добро голем дел од нив се недостапни, нагласи Секулоска.

Советничката Виолета Мицкоска праша дали платформите се поставени легално со оглед на нивното влијание врз живиот свет во крајбрежниот дел и нагласи дека советниците мора да имаат увид врз се она што се случува на плажите.

Советникот Јован Стојаноски со забелешки околу доставените материјали, во кои не било детално објаснато за што конкретно станува збор.
 
На денешната седница, советниците без поголеми расправи ги усвоија предлог одлуките за давање согласност на планот за изменување на годишниот план за вработување во општина Охрид за 2017 година, за давање на користење и стопанисување повеќенаменско игралиште, од општина Охрид на ЈП„Билјанини Извори“. Беа донесени и одлуките за именување членови во Управниот одбор на ЈП„Билјанини Извори“, усвојување на измените на програмата за поддршка на локалниот економски развој на општина Охрид за 2017 година, за проширување на средствата на буџетот, како и  за утврдување на услови за начинот на градење во село Велгошти, за каде нема урбанистички план.

Т.К.