Дел од вработените во ЈП „Нискоградба“ како и дел поранешните работници на јавното претпријатие кои во февруари беа преземени од МЈП „Проаква“ денес повторно одржаа мирен протест во кругот на јавното претпријатие „Нискоградба“.

Работниците велат дека причина за нивното незадоволство е тоа што сеуште не им се исплатени платите за јануари, февруари и март, како и придонесите за здравствено осигурување.


-Вчера ни беше исплатена само половина плата за месец јануари, но сега е средина на април. Секојдневните трошоци и потреби  во рамки на нашите семејства не притискаат, а помеѓу нас има и такви кои егзистираат само од оваа плата. Не бараме нишо друго туку да ни  исплатат за она што до сега сме сработиле, изјавија незадоволните работници.

Тие информираа дека постојано одржувале контакти и разговарале со раководството на јавното претпријатие кое неодамна им ветило дека ќе се надминат проблемите со исплатата на платите и придонесите.

Од Синдикатот на вработените при ЈП „Нискоградба“ изјавија дека не стојат зад организираниот протест, а раководството на јавното претпријатие не беше достапно за коментар.

OhridNews