Во Музејот „Резонанца“ на познатиот уметник Драган Спасески Охридски, синоќа беше отворена изложбата „Охридски слики – духот на местото и местото на духот“, на Љиљана Радосавлевиќ, архитект и ликовен уметник од Белград, Република Србија.

Секој град има што велиме ние архитектите свој дух, тоа мoже да биде во позитивна, но и во негативна смисла. Охрид секако има свој дух како место, но место на духот е нешто посебно. Охрид навистина има духовност и затоа е духовно место или место на духот. Тука живее духовноста и тоа е што мене секогаш ме крева и ме инспирира да трагам по убави нешта и го потттикнува мојот емотивен, духовен и ликовен развој. – вели Радосавлевиќ.

Охрид со милениуми е инспирација за луѓето поради исклучителното природно и културно богатство заштитено од УНЕСКО, кое денес е загрозено од непромислените човечки активности. Љиљана Радосавлевиќ која четири децении црпи инспирација за своите дела од Охрид каде повремено и живее, вели дека градот, за жал, полека ја губи својата духовност.

За жал Охрид се менува во негативен смисол и ја губи својата автентичност што е негова изворна вредност. Тој локациски урбанизам, инвеститорски урбанизам во кој се се’ гледа низ призмата на парите и профитот ги менува градовите и ликот на целиот свет воопшто, особено на места како Охрид кои се интересни. Сите тука сакаат да заработат и да профитираат не чувствувајќи и не водејќи сметка дека со тоа го девалвираат местото. Градат неадекватни објекти и применуваат архитектура која нема врска со контекстот и тоа ме растажува. Имате нови објекти на првата линија од езерото од центарот до Горица кои го уништуваат целиот крајолик, наместо малите и прекрасни хотели никнаа мастодонски зданија кои не кореспондираат со околината, ниту со Охрид. Се надевам дека малку свеста ќе се подигне да запре урбанистичкото уништување на Охрид. – рече Радосавлевиќ.

Според Радосавлевиќ за да се променат работите и да се спаси Охрид треба да се подигне јавната свест, а тоа треба да се прави од најмали нозе.

Многу малку се вложува во културата. За неа нема никогаш доволно пари. Политичарите немаат ниту разбирање за културата, ниту доволно образование и човечка етика дека некои работи не можат да се решат само со пари и безочно богатење што губи секаква смисла – вели Радосавлевиќ.

На изложбата на Љиљана Радосавлевиќ, што ќе биде отворена во наредните десеттина дена љубителите на уметноста ќе можат да погледнат петнаесеттина слики со мотиви од Охрид.

Се се’ охридски мотиви инспирирани од духот на местото и духовноста на ова место. Трагите од времето на куќите во Охрид им даваат естетска вредност која мене ме фасцинира. За жал некои објекти кои се насликани веќе не постојат, но има и такви кои постојат се’ уште. Имам сон кој би сакала да се оствари. Во Охрид постојат неколку куќи кои сами по себе се ликовна вредност, неколку фасади кои низ времето добиле неверојатна естетска димензија кои се симболи на градот, кои се исклучително вредни и единствени и нешто што ниту еден друг град го нема. Тие треба да се сочуваат. – рече Радосавлевиќ.

Промотор на изложбата беше уметникот Драган Охридски, кој делата на Љиљана Радосавлевиќ ги нарече иконични.

Љиљана Радосавлевиќ црта и слика охридски ведути, куќа како симбол, дом и ликовно-урбанистичка структура. Куќата е како икона за човекот и како лик и знак за човекот од ова поднебје. На широката скала на ликовни изрази сликарката се движи од прецизен описен реализам до емотивна експресија на прикажување на впечатоци од реалноста. – истакна уметникот Драган Охридски.

Љиљана Радосавлевиќ е родена во Белград. Дипломирала на Архитектонскиот факултет во главниот град на Србија во класата на проф. д-р Ранко Радовиќ, а со ликовно образование се стекнала кај професорите Соретиќ Грујиќ, Љубојевиќ и Самојлов. Член е на академијата на уметници на Србија. Од 1977 година активно изложува дела во својата земја и странство. Зад себе има десеттина самостојни изложби.

Фото галерија: 

Г.М.
Фото: А. Момироска