Делегација од Министерството за регионална соработка на Израел којашто е во неколкудневна официјална посета на државава денес оствари средба со градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков.

На средбата, како што информираат од Општина Охрид, двете страни разменале мислења за зајакнување на соработката меѓу институциите, универзитетите и бизнисите со посебен фокус на иновации, претприемништво и технолошки развој.

Градоначалникот Пецаков ги информира гостите за работењето на ХАБ центарот и младинскиот центар сместени во просториите на некогашната касарна во Охрид. Беше посочено дека ХАБ Центарот поттикнува локален економски развој нудејќи им на младите бесплатно користење простор, менторски програми и менторство за изработка на бизнис планови и дигитални вештини. Општината делува како мост меѓу ХАБ центарот, Универзитетот за Информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, Локалниот бизнис сектор и граѓанските организации. Беше истакнато дека во иднина се планира отворање на младински културен центар во просториите на касарната, посочуваат во соопштението.

Израелските гости, велат, ги презентирале активностите на ИНОВА и израелските искуства на тој план.

Инаку, делегацијата од Израел следниве денови ќе оствари средба и со градоначалници од други градови во државава, а во земјава доаѓа во соработка со Агенцијата за иновации, научно – технолошки развој и претприемништво.

OhridNews