Со свечена академија на која присуствуваа бројни официјални гости и делегации од збратимени градови од повеќе држави, што се одржа вечерва во хотелот „Инекс“, се заокружуваат чествувањата по повод празникот Св. Климент Охридски – Патрон на градот. 

-Во многувековното битисување на Охрид низ неговите цивилизациски пластови свој белег оставиле неимари и војсководци, цареви и освојувачи, владетели и духовни водачи, кои со своите дела ја моделирале вечноста на овој град. Грандиозното и божествено дело на Св. Климент Охридски со својата просветителска, хуманистичка и посебно духовна вредност ги надминува сите негови претходници и сите негови наследници и е најцврст темел за нашата посебност во севкупната човечка цивилизација. Св. Климент е хуманист и просветител, духовен човек и наш најголем светец. Неговото дело кое нераскинливо е врзано со Охрид, Македонија и Европа претставува драгоцен придонес за светската цивилизациска традиција. – истакна во обраќањето на свечената академија градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски.

На свеченоста градоначалникот Стојаноски на проф. д-р Никола Бошале  му ја врачи Наградата за животно дело Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид. Проф. д-р Никола Бошале е автор на дваесеттина научни дела за вредното културно наследство на Охрид и еден од најголемите хроничари на животот во градот. 

– Му благодарам на градот во кој минав долг период во истражувања како на животот така и на делата на Св. Климент Охридски, како и на граѓаните на Охрид и сите кои ми помогнаа да идржам низ децениите и да го посветам севкупното мое творештво за оваа цел, за да се оддолжам на мојот роден град Охрид. – истакна добитникот на највисокото оштинско признание проф. д-р Никола Бошале.

На свечената академија на професорката на ФТУ Охрид Ангела Крстаноска Василеска и локалното Супер Радио кое одбележува 25 годишен јубилеј, им беше врачена Повелба Св. Климент Охридски за придонес во промоцијата и афирмацијата на Охрид. 

Свеченоста беше збогатена со пригодна културно уметничка програма во рамки на која настапи познатиот македонски хор „Злата Мегленска“.

OhridNews
фото: „Мега продукција“