Свети Климентовото дело е факел кој во овие тешки времиња ќе ни го покаже вистинскиот пат за излез од мрачниот тунел. Ова беше речено вчера на Свечената акедемија во чест Свети Климент Охридски, патронот на Градот.

Во својот говор пред присутните, Градоначалникот на Охрид, Александар Петрески рече дека градејќи го современото општество,  охриѓани имаат задача да ја зачуваат традицијата и духовните вредности кои како аманет ги оставил Свети Климент.


-Мудроста, духовноста и големината на делото на Свети Климент Охридски е патоказ за вистинскиот пат, по кој треба да чекориме. Неговиот чудотворен дух сеуште многу силно се чувствува во Охрид, а во време на искушенија и наталожени проблеми секогаш ја повикуваме таа духовна сила да ни помогне и да застане со нас во одбрана од злото, рече Петрески.

Тој нагласи дека сегашноста и идната на градот Охрид не треба да се жртвува поради лични, теснопартиски и дневнополитички интереси.


Инаку големата сала на Центарот за култура “Григор Прличев”, во која се одржа свечениот собир беше претесна да ги прими сите почитувачи на ликот и делото на големиот чудотворец. Официјалната свеченост ја разубавија учениците на Охридската гимназија, изведувајќи го својот мултимедијален проект посветен на Свети Климент и историјата на Охридската Архепископија.